Европскиот парламент денеска ќе ја изгласа одлуката за либерализација на визите за граѓаните на Косово – со што процедурите за ова прашање ќе бидат привршени.
Ден подоцна, на 19 април, ќе биде потпишан правниот акт за визна либерализација, додека единствениот чекор што треба да се направи потоа е објавување на одлуката во Службен весник на ЕУ и нејзино стапување во сила.
Советот на министри на ЕУ минатиот месец со просто мнозинство ја одобри либерализацијата на визите за Косово. Сега е јасно дека спроведувањето на одлуката нема да се одложи по 1 јануари 2024 година.
Ова прашање беше поврзано со системот за патување EТИАС во Европа, поточно неговото стапување во сила.
Бидејќи рокот за операционализација на ЕТИАС е одложен за 2024 година, укинувањето на визите за граѓаните на Косово се очекува да се случи на 1 јануари следната година.
Во Европскиот парламент не се очекува да има никаков проблем при гласањето, бидејќи големо мнозинство пратеници поддржуваат либерализација на визите за Косово.
Всушност, Европскиот парламент беше институција на ЕУ, која најмногу го поддржуваше слободното движење на граѓаните на Косово и постојано ги прекоруваше Советот на ЕУ и Европската комисија за, како што беше речено, непотребно одложување на оваа процес.
Правниот акт за либерализација на визите за Косово се очекува да го потпишат претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола и министерката за Европа на Шведска, Џесика Розвал, чија земја во моментов претседава со Советот на ЕУ.
На церемонијата на потпишување беа поканети да учествуваат и првиот вицепремиер на Косово, Бесник Бислими и министерката за надворешни работи на Косово, Доника Гервала.
Либерализацијата на визите ќе им овозможи на граѓаните на Косово слободно да патуваат во зоната позната како Шенген, која се состои од 27 европски земји.
Овој режим дозволува безвизно патување само до 90 дена – во рок од шест месеци – во која било од земјите-членки на Шенген зоната.