Во експлозија загина ќерката на сојузникот на Путин

Дарја Дугина – ќерката на Александар Дугин, близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, загина во близина на Москва.

Според државните медиуми таа загинала откако нејзиниот автомобил експлодирал додека возела кон дома. Се смета дека нејзиниот татко, рускиот филозоф Александар Дугин, познат како „мозокот на Путин“, можеби бил целта на нападот.

Според руски медиуми, тој и ќерка му синоќа требало да се вратат од настан со истиот автомобил, но Дугин во последен момент решил да патува сам.

Полицијата потврди за новинската агенција ТАСС дека жена-возач загинала кога џип експлодирал во селото Болшије Вјаземи, но не даде дополнителни детали. Засега нема официјален коментар од руските власти.

Дугина беше истакната новинарка која гласно ја поддржуваше инвазијата врз Украина. Претходно оваа година таа беше санкционирана од властите на САД и Велика Британија, кои ја обвинија 30-годишната девојка дека придонесува за онлајн дезинформации во врска со руската инвазија.