Во еден ден дури 450 земјотреси, 13,5 милиони луѓе се засегнати

Повеќе од 13 милиони луѓе во Турција се погодени од катастрофалниот земјотрес што го погоди пограничниот регион меѓу Турција и Сирија, покажуваат владините податоци.

– Овој земјотрес директно погоди 13,5 милиони наши граѓани – изјави министерот за урбанизам Мурат Курум.

Спасувачката работа продолжува, додаде тој. Некои улици и патишта се непроодни и се работи на санирање на штетите со цел повторно да се отворат за сообраќај. Во некои области нема вода, вели министерот, а се прават напори што поскоро да се санираат штетите и луѓето да добијат вода за пиење.

– Страдањето е неописливо – рече Курум и додаде дека секој час е скапоцен.

Тој се обидува да ги охрабри граѓаните посочувајќи дека во претходните земјотреси луѓето се спасувале и по 100 часа.

Бројот на загинати во двата разорни земјотреси што вчера ги погодија јужна Турција и северозападна Сирија се искачи на повеќе од 5.000, а десетици илјади се повредени. Земјотресите оставија илјадници луѓе без покрив над главата, додека цели станбени блокови беа срамнети со земја.

Големата спасувачка операција се уште трае. Студеното време ја отежнува потрагата по преживеани. Во текот на утрото Турција ја погодија два нови силни земјотреси – првиот беше со јачина од 5,6 степени според Рихтеровата скала, а вториот, кој се случи околу 08:50 часот, со јачина од 5,7 степени според Рихтеровата скала.

Првиот земјотрес, со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала, се случи во текот на ноќта на студено време во провинцијата Кахраманмарас на југоистокот од земјата, на околу 60 километри додека врана лета од границата со Сирија. Следеа десетици послаби земјотреси, а вчера попладне уште еден со јачина од 7,5 степени според Рихтеровата скала се случи во југоисточна Турција.