Во Дубаи има 52 регистрирани компании од Македонија

Само годинава пет македонски компании станаа членки на Комората на Дубаи. Трговската размена меѓу двете земји без нафтата изнесува 52 милиони долари.

Стопанската комора на Дубаи денеска беше домаќин на делегацијата од Македонија предводена од премиерот Христијан Мицкоски. Делегацијата на домаќинот беше предводена од претседателот на Комората на Дубаи, Султан бин Саид ал Мансури. Двете страни разговараа за начините за унапредување на билатералните економски односи и ја потврдија нивната посветеност за зајакнување на соработката за зајакнување на меѓусебната трговија и инвестиции.

Според соопштението на прес-службата на владата на Дубаи, трговијата без нафта меѓу Дубаи и Северна Македонија достигна вредност од 52,2 милиони долари во текот на 2024 година.

Во разговорите беше истакнато и зголеменото присуство на македонски компании во Дубаи. До крајот на 2024 година, бројот на македонски компании регистрирани како активни членки на Стопанската комора на Дубаи достигна 47, што одразува годишна стапка на раст од 52 отсто. Дополнителни пет компании од Северна Македонија се приклучија на Комората во првиот квартал од 2025 година, со што вкупниот број се искачи на 52, велат од прес-службата на Дубаи.

Ал Мансури изјавил: „Оваа посета означува важен чекор напред во нашата заедничка амбиција да ја подобриме економската соработка и да отвориме нови можности за деловните заедници на двата пазари. Посветени сме да го поддржиме успехот на македонските компании и да им овозможиме да се прошират на глобалните пазари користејќи ја стратешката локација на Дубаи, инфраструктурата од светска класа и опкружувањето поволно за инвестиции“.

Според него, разговорите што се воделе ги истражувалеа инвестициските перспективи за бизнисите од приватниот сектор со седиште во Дубаи. Ова ќе им овозможи на компаниите од Дубаи да капитализираат од ветувачките можности во различни економски сектори, истовремено служејќи им на заедничките интереси на деловните заедници и во Дубаи и во Северна Македонија.

Дискусиите, според соопштението, се фокусирале на зголемување на билатералната трговија и инвестиции меѓу Дубаи и Северна Македонија, со посебен акцент на клучниот македонски извоз во Дубаи, вклучувајќи електроника, облека, возила, машини и овошје и зеленчук. Главниот извоз на Дубаи во Северна Македонија вклучува електроника, медицински инструменти, играчки и спортска опрема, вештачки влакна и парфеми и козметика.

За време на вчерашната посета на Абу Даби, премиерот Мицкоски и претседателот на Обединетите Арапски Емирати, владетелот на Абу Даби, шеикот Мохамед бин Заед ал Нахјан, разговарале и за повеќе регионални и меѓународни прашања од заеднички интерес. Шеикот ал Нахјан, според извештајот на Новинската агенција на емиратите (ВАМ), ја потврдил посветеноста на ОАЕ за зајакнување на нивните развојни партнерства со земјите од Балканот и за поддршка на сите напори кои промовираат мир и стабилност во регионот. Тој го истакнал долгогодишниот пристап на ОАЕ за застапување мир и решавање на споровите преку дијалог и дипломатија, како поддршка на развојот, стабилноста и просперитетот за сите. Премиерот Мицкоски изразил надеж дека во наредниот период ќе биде зголемена соработката меѓу двете земји за доброто на нивните народи.

За време на средбата биле објавени два меморандуми за разбирање – првиот се однесува на економската соработка меѓу двете земји, а вториот меѓу Дипломатската академија „Анвар Гаргаш“ и Министерството за надворешни работи на Северна Македонија.