Во грчкиот Парламент започнува расправа за гласање доверба на Владата

Со говор на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, попладнево во грчкиот Парламент започнува тридневната расправа за гласање доверба на Владата, јави дописничката на МИА од Атина.

Во следните три дена, премиерот и министрите од Владата ќе ја претстават нивната програма, а се очекува свои обраќања да имаат и лидерите на останатите политички партии, како и пратеници.

Владиниот портпарол Павлос Маринакис на брифингот со новинарите во понеделникот рече дека Мицотакис во говорот „ќе ги опише главните приоритети на Владата за уште повеќе реформи и промени, за посилна Грција за сите граѓани“.

Претставувањето на владината програма ќе заврши в сабота вечер со гласање доверба на Владата.

На гласањето ќе му претходи обраќање на Мицотакис, како и на лидерите на партиите.

Пред десет дена на парламентарните избори, Нова демократија победи со 40,56 отсто од гласовите и доби 158 пратеници, со што го обезбеди и неопходното парламентарно мнозинство од минимум 151 пратеник за формирање Влада.