Во грчкиот Парламент доставен амандман за блокирање на државното финансирање на партијата Спартанци
Суспензија на државното финансирање на партиите во случај на осуда на нивниот лидер, но и враќање на државните пари во случај партијата да не учествува во изборен процес, предвидува амандманот што доцна синоќа беше доставен во грчкиот Парламент, а се однесува, пред сè, на партијата Спартанци.
Суспензија на државното финансирање на партиите во случај на осуда на нивниот лидер, но и враќање на државните пари во случај партијата да не учествува во изборен процес, предвидува амандманот што доцна синоќа беше доставен во грчкиот Парламент, а се однесува, пред сè, на партијата Спартанци, јави дописничката на МИА од Атина.
Малата радикално десничарска партија Спартанци, која на ланските избори за првпат влезе во Грчкиот Парламент, а сите нејзини пратеници кривично се гонат за измама на гласачи, бидејќи по спроведената истрага на Обвинителството произлезе дека вистинскиот лидер на партијата всушност е осудениот поранешен член на Златна Зора Илиас Касидиарис и тој е оној кој го имал главниот збор во партијата, како и во изборот на кандидати за пратеници на изборите во јуни 2023 година.
Вчерашниот амандман на Министерството за внатрешни работи на Грција ги дефинира условите за државно финансирање на политичките партии и враќање на средствата во случај на неучество во изборен процес.
Поконкретно, доколку лидерот на партијата, претседателот на пратеничката група или оној кој е суштинскиот водач на партијата е осуден, тогаш секое државно финансирање и финансиска поддршка се суспендира со одлука на Парламентот, по спроведено гласање на пратениците.
Паралелно, ако една партија не учествува во изборен процес, а веќе добила финансиски средства, должна е да ги врати.
Партијата Спартанци, не доби зелено светло од Врховниот суд на Грција за учество на евроизборите во јуни годинава поради тоа што сите нејзини пратеници кривично се гонат за измама на гласачи.
На изборите во јуни минатата година партијата освои 4,68 отсто од гласовите и доби 12 пратенички места, меѓутоа остана со петмина пратеници, бидејќи останатите седум ја напуштија пратеничката група и станаа независни.