Во Грција од денеска не мора да се носи маска на отворено
Комисија на епидемиолози во Министерството за здравство во Грција и препорачаа на Владата да ја укина мерката за задолжително носење маска на отворено, одлука што од утрово е на сила.
Министерот за здравство на Грција – Танос Плеврис во средата рече дека со укинувањето на задолжителното носење маска на отворено започнува постепеното олабавување на мерките во земјата.
„Оценуваме дека до крајот на март ќе бидат укинати поголемиот дел од постоечките рестрикции и ако вака продолжи пандемијата и се потврдат предвидувањата, Велигден и лето ќе бидат многу блиску до нормалата за вакцинираните“ – рече Плеврис.
Од 15. март годинава ќе се укине и формуларот PLF (Passenger Locator Form) за патување во Грција, што веќе 20 месеци е задолжителен за влез во земјата.
Од почетокот на Ковид-19 во Грција регистрирани се 2.486.262 случаи и 26.092 починати лица.