Електронски формулар PLF (Passenger Locator Form) кој досега беше неопходен за влез во Грција, од денеска се укинува, остануваат на сила актуелните правила за задолжителен документ за Ковид-19.
Сите што влегуваат во Грција, веќе нема да треба да го пополнуваат формуларот што 20 месеци беше задолжителен документ, а важеше и за државјаните на С. Македонија кои патуваа кај јужниот сосед.
Измените се вклучени и во последната министерска одлука „Предуслови за влез во земјата за ограничување на ширењето на Ковид-19“ што е во сила до 21 март 2022 година и предвидуваат дека „сите патници во Грција, без разлика на националноста и начинот на влез во земјата до 14 март 2022 година, го пополнуваат електронскиот формулар PLF (Passenger Locator Form)“.
Задолжителното пополнување на PLF формуларот, Грција го воведе на 1. јули 2020 година кога по првиот бран на Ковид-19 и првиот карантин, постепено почна да ги отвора границите за странски државјани.