Грција почна да дели ваучери за бесплатен седумдневен одмор на туристите кои беа принудени да ги напуштат хотелите на грчкиот остров Родос во текот на летото 2023 година поради шумски пожар.
Околу 25.000 туристи, главно од Велика Британија, чекаат да добијат ваучери за седумдневен престој во хотелите на Родос, објави Гардијан.
Грција усвои нов закон за ова, а министерот за туризам Мирон Флурис рече дека Грција е првата земја во светот која одлучила на овој начин да им дава компензација на туристите.
Во рамките на таа програма, лицата евакуирани од хотелите поради пожар во јули ќе можат да користат е-ваучери во вредност од 300 до 500 евра за покривање на трошоците за сместување за време на еднонеделен престој.
Иницијативата ќе се спроведува во две фази: од сега до 31 мај и од 1 октомври до 15 ноември. Туристичките власти во Родос соопштија дека досега се регистрирани повеќе од 5.000 туристи во регистарот на корисници на програмата.