Првичните информации поврзани со градинките во земјава покажуваат дека состојбата е нормализирана и многу повеќе деца се донесени, а воспитувачките и негувателките кои го прекинаа штрајкот ги примаа децата.
Повеќе деца има и во основните училишта, особено во пониските одделенија каде покрај наставата, учениците се згрижуваат во дневен престој.
Во училиштата се уште нема настава откако СОНК донесе одлука да не ја прифати понудата од 12% зголемување на платата.
Министерот за образование – Јетон Шакири синоќа пак ги повика наставниците да ги прифаќаат учениците, а родителите да ги носат своите деца во училиште, па дел од родителите го послушаа повикот на министерот и утринава ги испратија децата во училиште.
Засега, најголем проблем имаат матурантите и деветооделенците бидејќи потребни им се документи за запишување во факултет односно средно училиште, а уписите по распоредот треба да почнат наскоро.
Од друга страна, засега не е јасно како и дали воопшто ќе се надополнуваат изгубените часови.