Во голема акција на полициски екипи од Франција, Германија, Летонија, Полска, Шпанија и Украина, уапсени се 13 лица одговорни за големата кражба на луксузни автомобили ширум Европа, соопшти денеска Европол.
Операцијата „Матадор“ која беше спроведена во координација со Европол, откри дека криминалната група ја сочинуваат повеќе од 50 лица од различни земји, а дека оваа група е одговорна за кражба на најмалку 36 скапи возила.
Акцијата била спроведена на 21 мај, а полициски службеници и истражители извршиле упад на над 70 локации, при што биле запленети шест возила, откриени лажни документи и таблички, како и одземени 132.165 евра во готовина.
Само во Украина, полицајците извршиле повеќе од 50 претреси.
Криминалната организација, која претежно имала седиште во Украина, регрутирала украински државјани да патуваат во ЕУ, каде што изнајмиле луксузни возила со соодветни документи за идентификација.
Властите ја следеле криминалната група повеќе од година и пол.
Криминалците резервирале летови, хотелски соби и друга логистика за секој да може да изнајми возило или две, најмногу во Шпанија и Франција.
По изнајмувањето, автомобилите би биле предадени на одговорните лицата, кои потоа ќе ги испраќаат возилата во различни земји, меѓу кои Литванија, Германија и Полска, каде што се модифицирани за извоз.