Во Германија се бара греалка повеќе поради страв од недостиг на гас

Поради страв од недостиг на гас во есен и зима, Германците купуваат електрични греалки, иако здруженијата за заштита на потрошувачите предупредуваат на неекономичноста од овој тип на греење.

„Гледаме натпросечна побарувачка за греалки“ – велат од синџирот продавници за електрични производи Медиа Маркт/Сатурн.

Синџирот продавници за градежен материјал Хорнбах забележа 100 отсто поголема побарувачка отколку во истиот период лани.

„Побарувачката нагло се зголеми во последните три недели“ – вели Флоријан Преус од Хорнбах.

Покрај огромниот пораст на побарувачката за електрични греалки, се зголеми и побарувачката за други алтернативи на гас како што се печките на дрва и јаглен.

Германските граѓани се повеќе стравуваат дека Русија би можела целосно да ја прекине испораката на гас за Германија.

Експертите проценуваат дека наесен, кога граѓаните ќе се вратат од летните одмори, би можело да дојде до уште поголема побарувачка за електричните греалки.