Во Газа е потврдена состојба на глад!

За еден регион да биде класифициран во состојба на глад, најмалку 20 проценти од населението мора да страда од екстремен недостиг на храна, едно од три деца да е акутно неухрането, а две лица од секои 10 000 жители да умираат од глад, неухранетост или болест секој ден.

Повеќе од половина милион луѓе страдаат од глад во Газа, а до крајот на септември се проценува дека ќе има влошување на состојбата и дека ќе се зголеми бројот на гладни на 640 000 луѓе, се наведува во најновиот извештај според Интегрираната класификација за безбедност на храната (ИПЦ). Иницијативата поддржана од Обединетите нации по првпат официјално потврди дека владее глад во градот Газа и околината.

Според податоците на ИПЦ, околу 280 000 од погодените луѓе се во северниот регион што го вклучува градот Газа, додека преостанатите се во Деир ал Балах и Кан Јунис, централни и јужни области за кои се предупредува дека ќе бидат во состојба на глад до крајот на следниот месец.

За еден регион да биде класифициран во состојба на глад значи дека е достигната најекстремната категорија, кога се надминати три критични прага – екстремна лишеност од храна, акутна неухранетост и смртни случаи поврзани со глад.

Според проценките на ИПЦ, најмалку 20 проценти од населението мора да страда од екстремен недостиг на храна, при што едно од три деца е акутно неухрането, а две лица од секои 10 000 жители умираат од глад, неухранетост или болест секој ден.

Според генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, најновите податоци за состојбата со гладот во Газа се уште една потврда дека станува збор за „катастрофа предизвикана од човекот, морална пресуда и неуспех на самото човештво“.

„Гладот не се однесува само на недостаток на храна; тој претставува намерно уништување на системите неопходни за човеков опстанок. Луѓето умираат од глад. Децата умираат. А оние што имаат должност да дејствуваат – не успеваат. Како окупаторска сила, Израел има недвосмислени обврски според меѓународното право – вклучувајќи ја и должноста да обезбеди храна и медицински средства за населението. Не смееме да дозволиме оваа ситуација да продолжи без одговорност“, порача Гутереш.

Анализата на ИПЦ дојде откако Велика Британија, Канада, Австралија и многу европски земји предупредија дека хуманитарната криза достигнала „незамисливи нивоа“ по речиси две години војна.