Во Будимпешта денеска треба да биде потпишан договорот за унгарскиот заем во висина од половина милијарда евра од кои дел ќе бидат наменети за бизнис секторот, а дел за реализација на проекти на општините.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска минатата недела изјави дека на 8 октомври патува за Будимпешта и дека истиот ден ќе го потпише договорот.
Условите под кои се зема заемот, според Владата, се поволни. Кредитот се зема со каматна стапка од 3,25 проценти со три години грејс период и 12 години рок на отплата.
Законот за унгарскиот кредит, што го договорија премиерот Христијан Мицкоски и унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на учеството на Самитот на НАТО во Вашигтон, беше изгласан во Собранието на 17 септември годинава.
Намерата на Владата, како што неодамна изјави премиерот Мицкоски, е парите наменети за македонското стопанство да бидат пласирани преку домашните банки под истите услови под кои е земен заемот, а доколку тоа не се случи, тогаш ќе се бараат други начини за да му се стават на располагање овие средства на бизнис секторот.
– Факт е дека тие пари ќе дојдат во Македонија и ќе бидат ставени на располагање на македонската економија и на македонското стопанство. Нашата намера е да биде преку комерцијалните банки бидејќи тие имаат повешти механизми за управување со овие средства и да биде под истите услови под кои го земаме заемот. Доколку тие услови не бидат исти, тогаш ќе се обидеме да најдеме друг начин – дали тоа ќе биде преку Македонската банка за развој или друг механизам, ќе видиме, изјави неодамна Мицкоски при посетата на општина Аеродром.
Дел од заемот е наменет за развој на општините, односно за реализација на проекти од интерес на граѓаните. На јавниот повик што го распиша Министерството за локална самоуправа пристигнати се 357 апликации од 80 општини.
Според премиерот, парите од заемот не се кинески како што тврди опозицијата, туку се средства земени од земја членка на Европската унија.
И унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој на 27 септември беше во Охрид каде се одржа седница на двете влади, изјави дека парите не се од Кина.
– Кинески заем и кинески пари не можеме да даваме, бидејќи Унгарија со Кина има договор сите пари кои доаѓаат од Кина да одат на конкретни проекти за развој во Унгарија. Кинески пари не можеме да ви даваме, а европски пари можеме и ќе ви ги даваме, рече Орбан на прес-конференцијата со премиерот Мицкоски.
Со законот за заемот од Унгарската Експорт импорт банка, земјава ќе треба да плати провизија за правни услуги во висина од околу 70 илјади евра. Според премиерот Мицкоски, оваа сума е 10 пати помала од она што досега се плаќало за заеми.
– Трошоците изнесуваат 70 илјади евра, тоа е нормална процедура и тоа е 10 пати помалку од тоа што сме го плаќале претходно за заеми. Од овие половина милијарда што ќе бидат земени како заем, овие 70 илјади евра се трошоците и тоа е нешто повеќе од 0,1 процент, изјави Мицкоски.
Во Предлог законот, кој беше донесен по скратена постапка, е наведено дека Република Северна Македонија ќе ѝ плати провизија за извршени правни услуги на независна фирма избрана од страна на Унгарската експорт – импорт банка и дека провизијата треба да се плати пред повлекување на траншата.
Опозициската СДСМ го оцени унгарскиот заем како голем корупциски проект кој ќе го отплаќаат идните генерации и побара Законот да се носи по редовна постапка. Претседателката на собраниската Комисија за финансирање и буџет Сања Лукаревска одби да закаже седница со оваа точка на дневен ред поради што седницата беше свикана од страна на претседателот на Собранието Африм Гаши, а со неа претседаваше пратеникот Бојан Стојановски.
Фото: МИА архива