За денеска во Бугарија е најавено да се одржи голем марш за поддршка на суверена Украина. Тој е организиран на социјалните мрежи од 18.30 часот на централниот Плоштад на независноста под наслов „Бугарија ја поддржува Украина“. Според организаторите, Бугарија е заробеник на се посилниот замав на руската пропагандна војна.
Според нив, руската амбасадорка во Софија Елеонора Митрофанова си дозволила да зборува во име на бугарскиот народ.
„Го следиме растечкиот екстремен национализам во Русија и разбираме што значи тој за Бугарија“ – се вели во повиците на организаторите.
„Време е да кажеме дека сме тука, дека сме во ЕУ и НАТО, дека веќе го направивме нашиот цивилизациски избор и стоиме зад него. Ајде да излеземе и да направиме еден светол, иако симболичен гест кон народот на Украина. Заедно со Украина“.
Маршот се одржува еден месец по почетокот на руската инвазија на Украина.