Во Брисел министрите за одбрана на НАТО ќе разговараат за нова помош за Украина

Во Брисел денеска министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО ќе разговараат за испораката на оружје за Украина, која бара значително зголемување.

„Битката за Северодонецк, град со едвај повеќе од 100.000 жители пред војната, моментално е сцена на најголемиот конфликт во Украина, а на Киев му требаат 1.000 хаубици, 500 тенкови и 1.000 беспилотни летала, меѓу другото тешко оружје“ – изјави советникот на украинскиот претседател, Михаил Подољак.

Министрите за одбрана по третпат ќе ги координира американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин. Претходен таков состанок имаше во април во воздухопловната база Рамштајн, во Германија.

Американските власти очекуваат најави за дополнително оружје за украинските сили во наредните денови, а САД одвоија околу 4,6 милијарди долари помош за Украина од руската инвазија на 24 февруари.