Белгиски полицаец синоќа им подлегна на повредите по напад со нож во близина на железничката станица во Брисел, а инцидентот го истражува Федералното обвинителство задолжено за случаите на тероризам, јави Скај Њуз.
Белгиското федерално обвинителство соопшти дека двајца полицајци биле цел на инцидент во близина на северната станица во Брисел. Претставник на судот изјави дека постои „сомнение за терористички напад“.
-Го презедовме случајот бидејќи постои сомневање за терористички мотив за нападот, што ќе биде утврдено во истрагата, изјави за француските медиуми Ерик Ван Дујсе, портпарол на белгиското Федерално обвинителство.
Според белгиските медиуми, полицаецот бил прободен со нож во вратот, а мотивот за нападот се уште не е утврден.
Осомничениот, кој бил ранет од друг полицаец, бил уапсен и пренесен во болница. Цел на нападот биле двајца полицајци. Едниот им подлегнал на повредите, а другиот е ранет.
Според информациите на различни медиуми, мажот извикал „Алаху Акбар“, но оваа информација се уште не е официјално потврдена од обвинителството.
Нападот се случи синоќа околу 19:15 часот по средноевропско време во бриселската општина Шаербек, во областа Гаре ду Норд.