Во Битола протест со пароли „Слобода за Ламбе – херој македонски“

Фото: Нова Македонија

Транспаренти со натпис „Фашизмот мора да падне, слобода за Ламбе“ и извици „Слобода за Ламбе“, „Ламбе е херој македонски“ можеа да се чијат и видат денеска по 18 часот пред полициската станица во Битола.

Се протестираше против одредениот притвор на пејачот Ламбе Алабаковски кој призна дека го запалил влезот на бугарскиот клуб во Битола.

На други плакати пишуваше: „Земја измачена од клети фашисти“, „Во градот на Стив Наумов нема место за Ванчо Михајлов“, а се пуштаа и патриотски песни.

Говор на протестот во Битола имаа и организаторите, политичката партија Левица.

„Денес сме сведоци како бугарската влада дава пари и купува ветер, затоа што народот со пари не се купува. Во овој град, денес гледаме како актуелната власт дозволува да биде отворен културен клуб кој носи име на прокламиран фашист. Да биде уште поголем парадоксот, во центарот на градот присуствуваше и бугарскиот премиер со негова делегација. Тоа доволно зборува за нивните територијални претензии кон Македонија, како во минатото, така и денеска“ – порачаа од Левица.

За Алабаковски од Обвинителството е поведена постапка за кривичното дело „Предизвикување општа опасност“ и побаран притвор од основано сомнение дека пејачот може да се даде во бегство, затоа што има двојно државјанство – македонско и американско.

Инаку казната за ова дело изнесува помеѓу 6 месеци и 5 години.