Во Белорусија денеска започна судењето на добитникот на Нобеловата награда за мир, Алес Бјалјацки. Нему му се заканува затворска казна до 12 години во случајот за кој неговите соработници тврдат дека е политички мотивиран поради неговото застапување за човекови права.
60-годишниот кој е ко-основач на групата за човекови права „Вијасна“ и уште двајца претставници на групата кои исто така се појавија на суд, се изјаснија за невини.
Бјалјацки е еден од најистакнатите Белоруси затворени за време на насилното задушување на антивладините протести што започнаа во летото 2020 година.
Тој во октомври минатата година ја доби Нобеловата награда за мир заедно со руската група за човекови права „Меморијал“ и Украинскиот центар за граѓански слободи, а беше уапсен во 2021 година заедно со двајца соработници од „Вијасна“.
Ним им се заканува затворска казна од 7 до 12 години под обвинение за финансирање протести и перење пари.
Бјалјацки јавно не ги коментираше обвинувањата, а на неговиот адвокат му е забрането да објавува информации за случајот. На телевизиските снимки од судницата се гледаат тројца мажи како седат на клупи во метален кафез, со лисици и молчат.
Бјалјацки и неговите колеги беа етикетирани како „политички затвореници“ од бранителите на човековите права. Тие проценуваат дека во белоруските затвори има околу 1.500 политички затвореници. Околу 50.000 луѓе се приведени поради учество во протести или критикување на владата од 2020 година, додаваат тие.