Во Албанија има околу 2,8 милиони жители
По одлуката да го одложи пописот на населението и домаќинствата, што требаше да се спроведе следниот месец, албанскиот институт за статистка, ИНСТАТ, објави официјална статистика за бројот на населението во земјата.
Официјално, според ИНСТАТ, во јануари 2022 година, резидентното население на Албанија брои околу 2,8 милиони жители, од 2,9 милиони колку што имало во 2011 година кога беше спроведен последниот попис на населението.
„И покрај официјалната бројка на ИНСТАТ, сепак никој не знае колкав е реалниот број на резидтентно население во земјава. Тоа од причини што последните години природниот прираст на населението отиде на нула поради зголемувањето на морталитетот и намалувањето на наталитетот. Ако на ова се додадат високите стапки на емиграција, чиј циклус е обновен во изминатите години, повеќе од јасно е дека бројката на резидентното население е многу помала“ – наведуваат албанските медиуми.
Инаку, според ИНСТАТ, во просек, нето емиграцијата изнесува од 30.000 до 50.000 луѓе кои заминуваат во текот на последната деценија. Според проценките на Обединети нации од 1990 до 2020 година Албанија ја напуштиле околу 1,2 милиони лица.
Станува збор за нето миграција, која вклучува разлика меѓу оние што се враќаат и оние што заминуваат. До падот на комунизмот, по што почна бранот на масовна миграција, Албанија имаше над 3,8 милиони жители.