Војник во Германија изврши масакр поради екс девојка, меѓу убиените има и дете

Германски војник на Бундесверот е осомничен дека убил четири лица во областа Ротенбург во Долна Саксонија пред да се предаде, соопштија полицијата.

Меѓу убиените, чии тела беа пронајдени претходно во текот на денот, има и едно дете. Убиствата се извршени на две локации – во куќа во Вестервезеде во општината Шезел и во Ботел во областа Ротенбург.

Според полициските извештаи, во нападот биле убиени поранешната девојка на осомничениот, нејзиното дете, партнерот на девојката и неговата мајка.

Полицијата во неговиот автомобил пронашла и молотов коктел, како и оружје и муниција.

Ситуацијата на лице место била тензична, голем број патролни возила и голем број полицајци го опколиле дворот, по што специјалци со кациги и автоматски пушки упаднале во куќата.

Портпаролот на полицијата Хајнер ван дер Верп рече дека инцидентот е резултат на некои „семејни спорови“.

Меѓу другото, специјалци со автоматски пушки беа распоредени на железничката станица во Ротенбург, Германија.