
Денеска е 384 ден од руската инвазија на Украина.
Претседателот на Украина Володимир Зеленски најави дека ќе продолжи со одбраната на Бахмут, додека рускиот претседател Владимир Путин тврди дека трупите на земјата се борат за опстанок на земјата. И додека борбите продолжуваат на терен, а најжестоките се уште на истокот на Украина околу Бахмут, продолжуваат меѓусебните обвинувања – Русите тврдат дека не им било дозволено да учествуваат во истрагата за саботажа на гасоводот Северен тек и обвинуваат Киев за кршење на правата на православните.
Жестоки борби и ракетирање на украинскиот фронт. Руската армија напредува кон Бахмут, гранатирани се областа Одеса и градот Краматорск. Украинските власти ги концентрираат силите во правец на регионот Запорожје, каде руските воени власти очекуваат офанзива.
Претседателот Володимир Зеленски и највисоката воена команда денеска се договорија со одбраната на Бахмут. Зеленски тврди дека Русија напаѓа цивили со порака дека секоја акција што одзема невини животи ќе биде казнета.
Во Краматорск во Доњецката област се бројат мртвите и ранетите – оштетени се шест блока во центарот на градот.
Полска досега испратила 14 тенкови „Леопард 2“ во Украина, а наскоро ќе испрати и авиони МиГ-29. Полскиот премиер Матеуш Моравјецки најавува дека тоа би можело да се случи во следните четири до шест недели.
Кремљ најавува дека целите во Украина можат да се постигнат само со воена сила. Рускиот министер за одбрана нареди двојно да се зголеми производството на ракети со висока прецизност. „Сега има само една задача – тоа е зголемување на продуктивноста на трудот“, нагласува Сергеј Шојгу.
Во меѓувреме, Пентагон објави дека руски борбен авион намерно удрил во американски извидувачки дрон во меѓународниот воздушен простор, по што беспилотното летало паднало во Црното Море. Москва ги негира тврдењата на Вашингтон и вели дека дронот се урнал поради „остри маневрирање“.
Москва наведува дека Германија, Данска и Шведска го одбиле предлогот на Русија да соработуваат во истрагата за саботажа на гасоводите „Северен тек“. Владимир Путин оценува дека реакцијата на Берлин на тој настан покажала дека Германија е „окупирана и неспособна“ да дејствува независно неколку децении по нејзиното предавање на крајот на Втората светска војна.
Рускиот парламент го усвои предлог-законот за кривична одговорност за дискредитација на учесниците во руската операција во Украина, со кој ќе се заштитат борците на паравоената формација „Вагнер“.