„Војна“ во Советот на Град Скопје за субвенциите на ЈСП, меѓусебни обвинувања на Славески и Арсовска

Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска вината за проблемот со ЈСП ја фрли на советниците од ВМРО-ДПМНЕ, нарекувајќи ги мицковисти.– Вие сте власт во Град Скопје, вие сте причината зошто најголем дел од проектите не се реализирани. Јас како еден човек не можам да направам сѐ сама, затоа што вие сѐ блокирате – порача Арсовска, додавајќи дека „мицковизмот“ е рак рана на македонското општество.

Откако советниците на Град Скопје во два наврати го одбија предлогот за субвенционирање на ЈСП со дополнителни 110 милиони денари денеска конечно одлуката доби зелено светло со 24 гласа „за“.

За одлуката не гласаа советниците на ВМРО-ДПМНЕ.

Денешната вонредна седница на Советот на Град Скопје помина во исклучително тензична атмосфера. Се слушнаа бројни навреди, закани со кривични пријави, обвинувања…

Седницата уште на почеток беше прекината по барање на координаторката на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска која побара да се обезбеди присуство на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, бидејќи таа предложила оваа точка да се најде како единствена на дневен ред на вонредната седница, за да ја образложи оправданоста од потребата да се донесе оваа одлука и да се најде на вонредна седница.

По завршувањето на паузата, независната советничка Ирена Витина повторно побара пауза од 10 минути, за координација, но и за, како што истакна претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, да се почека градоначалничката, бидејќи според информации од заменик градоначалникот Александар Трајановски таа ќе присуствува на седницата.

Во меѓувреме директорот на ЈСП, Крсте Петревски повторно презентираше дел од трошоците на претпријатието со повисок износ, меѓу кои за нафта годишно 580 милиони денари, рати за кредит за 33 автобуси „МАН“, 110 милиони денари годишно, за електрична енергија 20 милиони денари годишно, за резервни делови 27.665 милиони денари, за метан 93 милиони денари годишно, за приватните превозници 340 милиони денари годишно, за плати 900 милиони денари годишно итн.

Освен тоа, тој нагласи дека ЈСП го извршува јавниот превоз со автобуси кои имаат просечна старост од 12 години, за разлика од стандардот според кој просечната старост на автобусите во јавниот градски превоз треба да биде од 6 до 7 години.

-Апелирам, овие пари се потребни за плати на вработените. Доколку не се изгласаат субвенциите ќе се доведе во опасност функционирањето на ЈСП. Да ги надминеме политичките разлики.- истакна Петревски. Повика да се изгласа одлуката не заради како што кажа директорот, политичките интереси, туку заради вработените во ЈСП и за граѓаните.

Гордан Шутаров од СДСМ го повтори ставот на оваа советничка група дека ќе ја поддржат одлуката, односно доделување на субвенции на ЈСП.

-Треба да излеземе во пресрет на граѓаните, поточно во пресрет на оние категории на граѓани како што се пензионерите, средношколците, студентите. Не дадовме поддршка за кредитно задолжување за набавка на нови автобуси заради тоа што две години се боревме за нов концепт на јавен превоз во Скопје или БРТ. Да продолжеше да се реализира денеска половина ќе беше завршен и немаше денеска да разговараме за потешкотии во работењето на ЈСП и за субвенции.. Затоа апелираме проектот за БРТ да започне веднаш, бидејќи 70 милиони евра се на наменска буџетска сметка и тоа е спасот за јавниот превоз. Доколку не се изгласаат субвенциите ќе биде денот на заробување на градот од власта, истакна Шутаров.

Филип Јаневски од ВМРО-ДПМНЕ реагираше на тоа дека нема никакви одговори каде се трошат парите.

-Ние бараме информации, соработка, транспарентност отчетност. Зошто ова јавно претпријатие има потешкотии? Тој аспект треба да се разгледа. Проблеми имало и ќе има, но тие треба да се решаваат. Која е логиката да се даваат пари за повторно да немаме квалитетн јавен превоз- нагласи Јаневски.

Советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Малиша Станковиќ, информираше дека до сега на претпријатието му се доделени 440 милиони само за потешкотии на работење, плус дополнителните до сега има добиено над 600 милиони денари од Буџетот на Град Скопје.

-И сега се бараат дополнителни 110 милиони. Средства давани на ЈСП Скопје се средства од Буџетот кој граѓаните го полнат и треба да се однесуваме одговорно. Кога дадовме субвенции се велеше ќе тргне работата, а се бараат само дополнителни средства и со овие пари сега нема да се надминат проблемите или прашањето е до кога ќе нема одговорност. Не велам дека вработените не треба да земат платат, ние го кривиме неспособното раководство во ЈСП, како и Градот Скопје и градоначалничката бидејќи немаат визија како да го подобрат јавниот превоз“ – рече Станковиќ.

Тој посочи дека би било добро раководството на Градот и на ЈСП да седнат со советниците и да најдат решение за проблемот.

Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска вината за проблемот со ЈСП ја фрли на советниците од ВМРО-ДПМНЕ, нарекувајќи ги мицковисти.

– Вие сте власт во Град Скопје, вие сте причината зошто најголем дел од проектите не се реализирани. Јас како еден човек не можам да направам сѐ сама, затоа што вие сѐ блокирате – порача Арсовска, додвајќи дека „мицковизмот“ е рак рана на македонското општество.

-Како не сте власт? Имате 500 претставници во надзорни, управни и училишни одбори. Ако не сте власт кажете им на членовите на управни и надзорни одбори да се повлечат и распишете конкурс каде ќе се јават независни членови – порача Арсовска, откако претходно советник од ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека без разлика што имаат најбројна советничка група во Градот, тие не се власт.

Арсовска порача дека токму ВМРО-ДПМНЕ ја поддржа програмата „За модерно Скопје“, но дека се работи сѐ за да не се спроведат проектите од програмата, како и они проекти кои биле претходно почнати, а се од интерес на граѓаните.

– Како сакате во исто време и да нема приватен превоз и да има автобуси. Или е едното или е другото? Како сакате 220 автобуси кои што некој ги спроведува во јавниот превоз, а треба да се заменат со нови 250, за кои што не гласате, да се заменат кога се непостоечки? Секој еден „мицковист“ ги ветуваше овие работи и одеше со мене заедно од врата на врата. Јас сликите со Мицкоски ќе ги вадам лично, да видат дека тој ги ветувал овие работи. Шпицниот градоначалник отвора чешми место да отвора капитални проекти – рече Арсовска.

Градоначалничката обелодени дека претходен директор поставил 900 административци во ЈСП Скопје. Им порача на советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ дека не се опозиција во градот и дека имаат свој претседавач на Советот.

Претседателот на Советот Трајко Славески, рече дека до тогаш во Советот имале работна атмосфера, „не се согласуваме, но имамевме работна атмосфера“, а дека градоначалничката ја „отрула“ дискусијата со политика.