Вооружени крадци се обиделе да влезат во домот на Карвахал од Реал

Информациите што доаѓаат од шпанската престолнина се дека две лица се обиделе да влезат на имотот и во домот на фудбалерот Дани Карвахал од Реал Мадрид, но шпанскиот репрезентативец поминал многу подобро од неговиот колега Обамејанг од Барселона, затоа што имал вградено напреден систем за мониторинг и алармирање за „ненајавени гости“.

Непознатите лица побегнале од местото веднаш штом биле детектирани, па не ни стигнале да влезат во домот на бекот на Реал – пренесува „Ел Конфеденсијал“.

Обамејанг, пак, беше ограбен во присуство на сопругата, па дури и претепан од поголема група крадци, кои успеале да влезат во неговиот привремен дом во Барселона. Неколку дена подоцна напаѓачот ја напушти Каталонија и се пресели во Лондон. Сега ќе настапува во Челси.