Вонредна состојба поради поплавите низ Босна и Херцеговина

Обилните врнежи предизвикаа покачување на водостојот на сите реки, излевање на водата од коритата, навлегување на вода во станбени, деловни и помошни објекти, како и активирање на одрони. Состојба на елементарна непогода е прогласена во Бихаќ, Босанска Крупа, Нови Град и уште неколку градови и општини.

Во областа на градот Бихаќ е прогласена состојба на елементарна непогода, бидејќи во десетина месни заедници се поплавени повеќе од 200 згради и голем број земјоделски површини, односно земјоделски култури, одлучи градскиот штаб за цивилна заштита. .

Според информации од терен, поплави има во месните заедници Мартин Брод, Кулен Вакуф, Орашац, Рипач, Голубиќ, Језеро привилица, Доње Преконуње, Озимице Један – Улица Ирфан Љубијанкица, Краље – Вркашиќ и Покој.

Се доставува храна и вода за пиење до жителите на населбата Клиса која беше отсечена.

На седницата на штабот било констатирано дека на Бихаќка нема жртви или повредени како последица од поплавите.

Воспоставена е патната комуникација Кулен Вакуф-Мартин Брод, која беше во прекин, додека во моментов дел од главниот пат во населбата Костела е затворен за сообраќај.

„На сите патишта со висок ризик, регулирање на сообраќајот го вршат припадници на МУП на Унско-санскиот кантон. Единицата за чистота постојано работи на полнење вреќи со песок и нивно дистрибуирање до месните заедници, во комуникација со претседателите на тие заедници на теренот“ се вели во соопштението.

Сообраќајот на магистралниот пат М-14 Костајница – Козарска Дубица во улицата Ранка Шипка е во прекин поради излевање на реката Уна.

Водостојот на реката Уна во Костајница се уште се зголемува за околу 2-3 сантиметри на час и утрово изнесуваше над 480 сантиметри.

Рекордот од 2014 година е 505 см и очекуваат дека денес би можел да биде соборен.

На подрачјето на општина Нови Град утринава е прогласена состојба на елементарна непогода поради високиот водостој на реката Уна, а 18 лица се евакуирани поради излевање на водата, соопшти општинскиот штаб за вонредни состојби.

Градоначалникот на општината Мирослав Дрљача изјави дека во текот на ноќта нивото на водата е зголемено и водата навлегла во населбата Млакве од каде се евакуирани 18 лица, меѓу кои и деца.