„Волстрит џурнал“: Хамас нема внатрешен консензус за разоружувањето во рамките на планот на Трамп

Политичките и воените крила на Хамас не постигнаа консензус за разоружувањето на палестинската милитантна група, што е дел од предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на војната во Газа, објави денеска „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на арапски посредници во преговорите.

Политичките и воените крила на Хамас не постигнаа консензус за разоружувањето на палестинската милитантна група, што е дел од предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на војната во Газа, објави денеска „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на арапски посредници во преговорите.

Според извештајот, главниот преговарач на Хамас, Калил ал-Хаја, и други политички претставници кои живеат надвор од Газа се подготвени да го прифатат предлогот за разоружување, „и покрај значителните резерви“, објавува „Тајмс оф Израел“.

Истовремено, лидерот на Хамас во Газа, Из ел-Дин Хадад, е отворен за предавање на нивното офанзивно оружје, како што се ракетите, но сака да го задржи „одбранбеното“ оружје на групата, како што се автоматските пушки.

Другите воени команданти на Хамас се помалку отворени за компромис, бидејќи наводно сметаат дека нема да можат да спроведат разоружување меѓу младите мажи што ги регрутирале за време на војната, за кои веруваат дека можеби нема да бидат подготвени да го предадат своето оружје откако ги загубиле своите семејства и имот за време на војната со Израел.

Хамас претходно денеска објави дека се согласува да ги ослободи сите живи заложници, да ги врати телата на мртвите заложници и да ја предаде администрацијата на Газа на палестинско тело на независни технократи.

Палестинската милитантна група, исто така, изјави дека е подготвена веднаш да се вклучи во преговори со медијатори за да ги разгледа деталите за горенаведените прашања.

Првата рунда разговори е закажана да се одржи утре во Египет, а целите на разговорите вклучуваат договор за деталите за спроведување на предлогот на Трамп, особено во врска со ослободувањето на заложниците и новиот статус на палестинските територии.