Волстрит порасна четврти ден по ред

На Волстрит цените на акциите пораснаа четврти ден по ред во четвртокот, бидејќи извештајот за цените на производителите потврди дека инфлаторните притисоци во САД се намалуваат.

Dow Jones зајакна 0,14 отсто, на 34.395 поени, додека S&P 500 порасна за 0,85 отсто, на 4.510 поени, а Nasdaq индексот порасна за 1,58 отсто, на 14.138 поени.

Откако завчера тоа го покажаа податоците за потрошувачките цени, вчера и извештајот за цените на производителите потврди дека инфлаторните притисоци во САД се намалуваат.

Производните цени пораснаа во јуни за само 0,1 отсто на годишно ниво, што е нивен најблаг раст од средината на 2020 година, додека нивниот раст еден месец претходно беше 0,9 отсто, пренесува Хина.

Ова се подобри податоци отколку што очекуваа аналитичарите, па го зајакнаа уверувањето на инвеститорите дека американската централна банка наскоро ќе стави крај на циклусот на зголемување на каматните стапки, кој трае повеќе од една година.

Така, сега се очекува дека ФЕД повторно ќе ги зголеми каматните стапки за 0,25 процентни поени овој месец и дека ова ќе биде последното зголемување во овој циклус.

„Извештајот за цените на производителите потврди дека инфлацијата се движи во вистинската насока. Тоа е добар знак“, рече Мона Махајан, стратег во Едвард Џонс.

Најголем поттик за S&P 500 и Nasdaq индексот беше вчерашниот силен раст на цените на акциите на неколку технолошки гиганти, како Alphabet и Nvidia.

Цените на акциите вчера пораснаа и на европските берзи. Лондонски FTSE индекс зајакна 0,32 отсто, на 7.440 поени, додека франкфуртски DAX зајакна 0,74 отсто, на 16.141 поен, а париски CAC 0,50 отсто, на 7.369 поени.