Десет лица се повредени во сообраќајна несреќа која денеска се случи на железничкиот премин кај фабриката „Порцеланка“ во Велес, потврдија за „360 степени“ од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Повредените се пренесени во Општата болница во Велес каде што им се укажува лекарска помош.
До несреќата дошло кога на железничкиот премин кај фабриката „Порцеланка“ се судриле воз на „Македонски железници“ и такси-возило – комбе. Комбето што било управувано од 52-годишник со иницијали Д.Ј. било со велешки регистарски ознаки и во сопственост на такси-компанија од Општина Чашка.
Случајот бил пријавен денеска во 12 часот во Секторот за внатрешни работи (СВР) Велес, чија екипа извршила увид на местото на настанот.
Градоначалникот на Општина Чашка, Горан Стојановски, пак, изјави дека во сообраќајката се повредени 12 лица, но кажа дека среќата во сета несреќа била на страната на патниците, зашто поминале со полесни повреди.
Патниците, како што кажа тој, од Велес си оделе кон своите домови во селата Мелница и Чашка кога се случила несреќата.