Возачите на ЈСП масовно напуштаат работа: „Ќе береме јагоди во Англија“
Во ЈСП-Скопје, очигледно, не цветаат рози. Околу стотина возачи незадоволни од условите за работа одлучуваат да си заминат и да возат автобуси во меѓуградскиот и меѓународниот сообраќај каде што платите се поголеми, но голем дел од нив, пак, изненадувачки, решаваат да заминат во Англија и да берат јагоди или да работат некоја друга сезонска работа, пишува порталот ПлусИнфо.
-И покрај тоа што градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска и в.д. директорот на ЈСП, Александар Стојковски, велат дека јавното претпријатие е во добра кондиција, сепак во претпријатието се подготвува вистински егзодус кој ќе резултира со недостиг на стотина возачи во следните два месеца. Според информациите до коишто дојде Плусинфо, во јуни во пензија ќе заминат околу 50 лица, а тоа значи дека значително ќе се намали бројот на возачи, кој, според в.д. директорот Стојковски, изнесува 656 лица. Но, според нашите извори, во овој момент во ЈСП има нешто над 400 лица кои ги управуваат автобусите, а пак над 1.300 луѓе работат во администрацијата, објави порталот.
Околу стотина возачи се одлучиле да поднесат барање за неплатен одмор од 6 или 12 месеци, но како што нѐ информираа ваквото нешто им било забрането од страна на раководството на ЈСП Скопје, но и од градоначалничката Данела Арсовска. Поради тоа, веќе 30 возачи одлучиле да дадат отказ и да си заминат од фирмата иако таму работеле повеќе години.