Внуците на Ахмети ќе ги испитува Антикорупциска
Државната комисија за спречување корупција ќе испитува дали имало трговија со влијание и незаконска распределба на државни средства во случаите со внуците на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, Дрин и Бесијан. Лидерот на ДУИ вчера ги повика сите истражни органи да се впуштат во проверка на сите функционери на ДУИ, почнувајќи од него.
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Билјана Ивановска најави дека антикорупционерите ќе ги преиспитаат сомнежите кои во јавноста се појавија околу унапредувањето на Бесијан Ахмети во прв секретар на македонската амбасада во Брисел, како и евентуалните незаконитости при доделувањето државни средства од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) за Дрин Ахмети, двајцата внуци на претседателот на ДУИ Али Ахмети.
Во однос на случајот со Бесијан Ахмети кој бил трансфериран од министерството за економија во дипломатијата, Ивановска нагласува дека е мошне тешко да се докаже постоење на трговија со влијание.
„За да се добие некоја позиција или да се оствари некое право, треба да се помине низ одредени пропишани процедури. Доколку се прекршат или не се почитуваат, тогаш се работи за влијание. Ние на тој начин го докажуваме влијанието. Ќе ги побараме документите за внукот на Ахмети кој работел во економија, па отишол во Брисел. Значи, ќе проверуваме како дошол тој на таа позиција“, рече Ивановска во своето гостување на ТВ 24.
ВМРО ДПМНЕ го обелодени слуачјот со Бесијан Ахмети обвинувајќи дека шефот на дипломатијата противзаконски го назначил за прв секретар во амбасадата во Брисел.
„Бесиан Ахмети на 16.05.2022 година е вработен во Министерството за економија, на работна позиција Помлад соработник за мониторинг и следење на договорите за концесија за минерали, за 10 месеци подоцна на 16.03.2023 година да биде именуван за Прв секретар во амбасадата во Брисел. Бесијан Ахмети е унапреден за три скалила одеднаш“, рекоа од ВМРО ДПМНЕ.
Во својата реакција, од министерството за надворешни работи подвлекоа дека се работи за тенденциозни и невистинити информации и дека целата постапка е законски спроведена.
„Согласно законските прописи, како економски советници, покрај дипломатите вработени во МНР, а на барање на останатите економски ресори, се испраќаат и вработени во другите министерства, како што е Министерството за економија, Министерството за земјоделие итн., при што законски е утврдено дека во овој случај економските советници се испраќаат со дипломатско звање – прв секретар. Согласно член 68-а став 1 од Законот за надворешни работи врз основа на писмена спогодба Министерството и институции од јавниот сектор за вработените од членот 14 став 1 група II од Законот за вработените во јавниот сектор и за вработени кои работат на економски активности за привлекување на странски инвестиции и промоција на извозот, по спроведена постапка за избор, а по претходно објавен интерен конкурс во институцијата во кое лицето е вработено, министерот за надворешни работи може да упати во дипломатско-конзуларно претставништва вработен кој ги исполнува условите од истоимениот член“, стоеше во објаснувањето од МВР.
Ивановска потенцира дека антикорупционерите немаат можност да испитуваат како Дрин Ахмети стана косопственик на „Соравија“ без вложен денар но дека во однос на другиот внук на Али Ахмети ќе бидат проверени медиумските наводи за префрлување државните средства преку Фондот за иновации и технолошки развој на сметка на компанија во негова сопственост. За дилемата која е отворена во јавноста како Дрин Ахмети без вложен денар стана косопственик на „Соравија“,
„Ние ќе провериме како постапиле институциите. Дали тие неосновано дале средства? Ние не можеме да испитуваме каков е капиталот, каков е имот. Тоа е задача на други институции. Тие треба да испитуваат движење на парите и т.н. Верувам, врз основа на исксутвото што го имам во соработката со нив дека тие ќе постапат. Верувам дека Управата за финансиско разузнавање и финансиска поилиција на пример, ќе го испита овој случај“, изјави Ивановска за ТВ 24.
Интересно е дека во интервјуто Ивановска прозвучи резервирано кога беше прашана во однос на евентуалното постапување и на обвинителството за организиран криминал.
„Е, сега таму…Не знам… И тие имаат… Видете, организиран криминал, во функција на организиран криминал постапуваат споменатите институции…Значи…Секој има можност и одговорност да постапува непристрасно и професионално и тоа треба да си го покаже пред граѓаните, затоа што сме одговорни пред граѓаните, секој за својата работа“, истакна Ивановска.
Темата со државна помош од ФИТР ја отвори ВМРО ДПМНЕ. Изразија сомневање како фирмите на внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмети, земале околу 82 илјади евра за проекти од Фондот за иновации во 2022 година.
„На 10 мај 2022 година две фирми на Дрин Ахмети, ‘Тор индустрис’ и ‘Еверест ЏД’ добиле 82 илјади евра државни пари за кофинансирање на иновации. Патем, Фондот од јануари 2022 година го води кадар на ДУИ, Фестим Халили, кој според фотографиите кои излегоа во медиумите важи за близок пријател со семејството на Дрин Ахмети“,
наведоа во соопштението од опозициска партија.
Во писмената реакција која ја објавија на својот фејсбук-профил, од ФИТР наведоа дека компаниите „Тор индустрис“ и „Еверест ЏД“ се добитници на финансиска поддршка под инструментот „Кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст”. Повикот за поднесување предлог-проекти за финансирање под овој инструмент, според ФИТР, е со цел да се создадат услови за надминување на последиците од економската криза и да остварат забрзан раст преку воведување иновативни, зелени и дигитални технологии.
„Истиот претприемач има поднесено предлог-проекти под други инструменти за поддршка од Фондот, но истите се одбиени од страна на Комитетот за одобрување на инвестиции, кој е составен од пет светски експерти. Тоа значи дека секоја компанија која не ги исполнува критериумите за подобност на апликант и добил негативна оценка од страна на Комитетот за одобрување на инвестиции, нема да биде одобрен за финансирање од страна на Фондот за иновации и технолошки развој“, пишуваше во реакцијата на ФИТР.
Лидерот на ДУИ синоќа од Кичево изјави дека ги повикува сите истражни органи, почнувајќи од него да го проверат работењето на сите функционери од Демократската унија за интеграција и за целокупната активност на партијата од нејзиното основање до денес.
„Да се отвори истрага за целокупната активност на ДУИ од 2002 година до сегашниот момент. Не можеме да бидеме обвинители и истражители и да одговараме на секоја клевета ниту да работиме на откривање на вистината. Тоа им припаѓа на органите на правдата. Цврсто стоиме на ова мислење, да се отвори истрага за целокупното работење на ДУИ, за сите функционери, почнувајќи од мене“, рече Ахмети.
Меѓу другото, лидерот на ДУИ ги повика државните институции, доколку имаат сомнеж, да поведат истрага и против неговиот внук Дрин Ахмети, за кого медиумите открија дека е сопственик на една од компаниите која го купува Бизнис-центарот „Соравија“ во Скопје и дека добил државна помош од ФИТР.
„Ни Дрин не може да ја избегне истрагата – за ова нема да има пречка и нема амнестија или засолниште од моја страна. Сè што ги интересира државните органи, слободно нека вршат истраги за да се открие вистината“, истакна Ахмети.