ВМРО-НП повикува да се бојкотира ексју музиката
Според партијата, ваквиот потег ќе помогне во промоцијата на македонската музика и економија.
Опозициската ВМРО-Народна партија на Љубчо Георгиевски повика на проширување на општиот бојкот на македонските маркети и со бојкот на концертите на пејачите и музичките групи од поранешна Југославија. Според партијата, ваквиот потег ќе помогне во промоцијата на македонската музика и економија.
Од партијата изјавија дека економската комисија направила длабока анализа, која покажала дека во последната година настапите на пејачи и групи од поранешна Југославија забележале драстичен раст на цените на билетите. Според нив, најмногу профитирале пејачите и групите од регионов.
„За настап во дискотека на група или пејач од бивша Југославија цената се движи околу 30.000 евра. Затоа ВМРО-Народна партија предлага кон општиот бојкот на македонските маркети да се додаде и бојкотот на сите овие настапи. На тој начин, македонскиот потрошувач не само што лично ќе заштеди повеќе средства, туку и ќе им помогне на македонската музика и на македонската економија во целина“, соопшти ВМРО-НП.