ВМРО-ДПMНЕ: Маричиќ дозволува бугарски клубови со навредливи имиња во Македонија, а македонскиот клуб во Благоевград го нарекува приватен настан

Бојан Маричиќ е последниот во низата функционери и министри, вклучувајќи го и Ковачевски кои не ги удостојуваат Македонците од Бугарија со присуство на отворањето на македонскиот клуб. Тие одат и чекор понатака па ги навредуваат. Изјавата на Маричиќ дека отворањето на македонски клуб во Благоевград е приватен настан и немаат должност да присуствуваат на отворањето е понижувачка, срамна и недостојна – информираа преку соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

Ова само покажува дека оваа влада на СДС води поданичка и предавничка политика. Ваквата изјава на Маричиќ покажува дека освен дезертерот Ковачевски, дезертери се и сите останати министри во неговата влада – велат од партијата.

Според ВМРО-ДПМНЕ овој македонски клуб во Благоевград носи име на големиот писател и деец Никола Вапцаров, и во никој случај не е навредлив кон Бугарија како што се навредливи имињата Ванчо Михајлов и Цар Борис кои се користат во Македонија.

Маричиќ, Ковачевски, Пендаровски и целиот антимакедонски СДС покажаа дека не се грижат за Македонците ниту во Македонија, ниту надвор од неа. Дома народот го пљачкаат и осиромашуваат, а надвор го игнорираат и го навредуваат. Маричиќ, Ковачевски и Пендаровски се платени да ги штитат и промовираат државните интереси, а не да ја доведуваат Македонија во подредена положба – велат од партија.