Од утре треба да тргнат натамошните разговори за формирање на новата Влада, откако во саботaта партиите собрани околу коалицијата Вреди и ВМРО-ДПМНЕ постигнаа начелен договор за соработка, во составување на иднатa Влада.
Партиски извори од двете партии за Вечер денеска потврдија дека се формирани работните групи кои се подготвени утре да ја одржат првата средба на која ќе ги продолжат разговорите. Од двата табора посочуваат и дека имињата на претставниците во работните групи, ќе ги соопштат преку соопштение, но немаше и детали каде ќе бидат продолжени преговорите.
Во меѓувреме никакви рaзговори за барањата на можните партнери не биле почнати, изјави за МТВ, потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ, Владо Мисајловски.
– Не сме седнале да ги разговараме овие кадровски прашања, прво да ги договориме принципите и програмите, па потоа ќе разговараме за кадровски прашања. Со Вреди зборувавме за првите принципи, а тоа пред сè борбата против корупцијата, економијата како столб на новата влада, зборувавме за оние предизвици кои следуваат, ЕУ интеграциите и како да се создаде партнерски однос. Ние сме спремни да се почитува волјата на граѓаните и ако сакаме да градиме пријателство треба овие принципи да бидат темел, а потоа да се разгледаат сите прашања, рече Мисајловски. Рече дека во идната влада ВМРО-ДПМНЕ претендира да ги има позначајните министерства и функции базирајќи се на резултатот и огромната победа на партијата, но дополни дека за тоа како би изгледал форматот на новата Влада одлуката е во рацете на мандатарот Христијан Мицкоски.
И од функционери на Вреди доаѓаат изјави дека во моментов не се разговара за ресори, туку дека фокусот е ставен на градење партнерство и доверба, со цел владата да функционира со една усогласена програма.
И еден од лидерите на Вреди, Арбен Таравари, потврди досега со ВМРО-ДПМНЕ не е разговарано за поделба на ресори и кадровски решенија и ги отфрли како шпекулации информациите во медиумите дека барале одредени министерства.
Овие изјави следуваат откако во јавноста деновиве се појавија шпекулации дека Вреди ќе добијат спикерско место во Собранието како и министерски позиции во Здравство, Култура и уште во два други ресора, а посакувано министерство им беше и МВР.