ВМРО-ДПМНЕ ја почнува процедурата за референдум, за Пендаровски и Ковачевски тоа е прекинување на европскиот пат

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска напладне во Државната изборна комисија ќе достави иницијатива за одржување задолжителен референдум со прашање: Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија.

Претседателот на државата Стево Пендаровски предупреди дека прашањето на опозицијата за референдумот е за прекинување на европскиот пат, додека за премиерот Димитар Ковачевски станува збор за неконзистентност и гледање лични, партиски интереси за задржување на функцијата на Мицкоски.

-Се додека не се напушти Договорот со Бугарија, ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи уставни измени, изјави Мицкоски нагласувајќи дека тие не се против тоа Бугарите да бидат дел од Уставот, но дека договорот е асимилаторски и треба да се напушти.

Постапката ќе почне со собирање 100 потписи за отпочнување на граѓанска иницијатива која потоа ќе биде доставена до Собранието, а со цел овозможување на постапка за собирање на 150 илјади потписи од страна на граѓаните на Македонија. Први на списокот, според Мицкоски, ќе бидат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

-Немаме ништо против Бугарите да бидат дел од Уставот, но со што Бугарија покажа дека е добар сосед, прашува Мицкоски и додава дека „тие упорно тврдат дека не постои македонскиот јазик и Македонците“.

Претседателот на државата Пендаровски и премиерот Ковачевски се против одржување на референдумот.

-На референдумот од опозицијата ќе добиеме прашање со кое во суштина македонските граѓани ќе ги прашуваат дали сакаат да престанеме да одиме кон ЕУ, рече претседателот Стево Пендаровски одговарајќи на новинарско прашање по седницата на Советот за безбедност.

Според Пендаровски, прашањето на опозицијата за референдумот е практично да го прекинеме европскиот пат.

-Значи, вие ако дадете поддршка на таков референдум – класичен антиевропски со прашањето, нема потреба понатаму да го менувате Уставот. Едното го исклучува другото. Накратко, она што го очекувавме тоа и го добивме. Добивме прашање со кое во суштина македонските граѓани ги прашуваат или ќе ги прашаат – дали сакате да престанеме да одиме кон ЕУ. Тоа е прашањето, рече Пендаровски.

Според претседателот, чудно е зошто во референдумското прашање не се спомнува и Преспанскиот договор, бидејќи, како што вели, во европската преговарачка рамка со која почнавме преговори неодамна во истата реченица стои и Преспа и Договорот со Бугарија.

Премиерот Ковачевски во референдумското прашање гледа неконзистентност и гледање лични, партиски интереси за задржување на функцијата.

-Прво, ние сме држава која почна преговори со ЕУ со чист македонски јазик, со заштитен идентитет и тоа е направено врз основа на предлог којшто го добивме од ЕУ, предлог којшто беше изгласан во Собранието и против кој предлог немаше ниту еден глас против. Тоа што опозицијата во моментов го прави, го прави единствено заради свои внатрешни партиски потреби – задржување на позицијата на, веројатно, нивниот претседател. Референдумското прашање тие веројатно ќе го достават до Собранието, истакна Ковачевски.