ВМРО-ДПМНЕ ја потврди победата и во вториот круг, колапс на ДУИ

ВМРО-ДПМНЕ сега ја има целата власт во Македонија.

Резултатите од вториот круг на изборите за градоначалници во Македонија се надоврзаа на гласањето од пред две недели. Во загрижувачки мала излезност од 40-ина отсто кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ добија уште дузина градоначалнички места и тоа оние во коишто стави најголем влог – во скопски Карпош, во Кичево и во Брвеница. И во главната битка, која се знаеше дека однапред е добиена за ВМРО-ДПМНЕ – во Скопје.

СДСМ може да добие најмногу уште три општини, неколку нивни кандидати загубија и онаму каде што водеа по првиот круг. Тоа можеше и да се очекува.

Орце Ѓорѓиевски ќе го води главниот град во наредни четири години. Но неговата победа, па дури и во вториот круг нема ознаки на триумф, затоа што тој освои речиси ист број гласови како и пред две недели. Со 96 отсто од пребројаните гласови Ѓорѓиевски има 93.172 гласови, додека Амар Мециновиќ од Левица 59.098. Ако се знае дека на помала излезност Мециновиќ успеал да добие 30.000 гласови повеќе отколку во првиот круг тоа извонреден успех пред сѐ за него, а потоа и за неговата партија Левица. Размерот на победата на Ѓорѓиевски е 1,58:1, што покажува дека пораките на Мециновиќ резонирале кај огромен дел скопјани, особено кај помладите гласачи.

Всушност, ако има некој голем „победник“ во вториот круг тоа е Амар Мециновиќ, иако загуби во Скопје.

Најголемите разлики Ѓорѓиевски ги направи во вообичаените вмровски општини: Гази Баба, Кисела Вода и Аеродром.

Интересно е што до пребројувањето на последното избирачко место во Брвеница, водеше кандидатот на „Вреди“, но во последен момент бројките се свртеа и победи досегашниот градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Јовица Илиевски.

Во Кочани, градот којшто уште живее под печатот на големата трагедија, граѓаните поради ним познати причини му ја даде поддршката на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, иако власта во градот беше кога 63 млади луѓе загинаа во дискотеката „Пулс“.

Втората клучна вест е целосниот колапс на кандидатите на ДУИ во вториот круг. Освен во Студеничани, НАИ, коалицијата околу ДУИ, веројатно нема да освои ниту едно друго градоначалничко место. ДУИ загуби во Кичево, загуби во Струга, во Дебар, во Тетово. Ова е најголемото делигитимирање на ДУИ и Али Ахмети од 2022 година до денес. Коалицијата „Вреди“ е на крилјата на успехот. Веројатно најзаслужен за тоа е човекот кој две децении беше веднаш до Ахмети, Изет Меџити, де факто лидер на „Вреди“, но пред две години излезе од партијата прво преку „огнената група“, а потоа и со своја политичка партија.

СДСМ има една општина со која може да залечи некоја рана – скопски Центар.  Резултатите не се конечни, но разликата меѓу актуелниот градоначалник, Горан Герасимовски, и неговиот противник Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и другите коалициски партнери, е преголема. СДСМ победи и во две други мали општини, Македонска Каменица и Зрновци.

Еден од најгорчливите порази за СДСМ е оној во Крушево каде што кандидатот на партијата и досегашен градоначалник, Томе Христоски, загуби со само 19 гласови разлика, иако водеше убедливо во првиот круг и само за малку не успеа да победи.

На партијата ѝ претстои големо преиспитување, не толку во раководната структура, туку во идеолошката патека кон која треба да тргне понатаму.

Овие локални избори покажаа дека наклонетоста на граѓаните кон ВМРО-ДПМНЕ продолжува по ланските парламентарни избори и власта во државата е целосно нивна, на сите нивоа. Веќе ќе не може да бараат оправдувања дека во Скопје или во другите градови политичките противници може да ги блокираат политиките на централната власт.

Втората работа од овие избори е што се официјализираше на отворена сцена коалицијата и поддршката меѓу една македонска партија и една албанска коалиција. Што досега беше работа од којашто политички можеше да се изгори. Соработката на ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“, особено во Кичево за победата на Александар Јовановски против кандидатот на ДУИ. Таа можеше да се оствари само преку соработката на владините коалициски партнери, од македонскиот и албанскиот политички блок. (Независен)