Наместо решение, хаосот со издавање на лични документи продолжува. Власта си игра пинг-понг со проблемите и маките на граѓаните, реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, додека пред јавноста си ја префрлаат топката кој да комуницира со грчката страна, шефот на државата Стево Пендаровси, премеирот Димитар Ковачевски и шефот на дипломатијата Бухар Османи, граѓаните се оставени да се туркаат во редици за фотографирање и подигнување на личните документи.
„Како да не беа доволни огромните редици, турканиците и нервозите кај граѓаните, неспособните од власта на ДУИ и СДС го намалија и работното време на шалтерите за сликање за лични документи. Неспособноста на Оливер Спасовски и МВР се гледа на дело поради тоа што навреме не набави обрасци за личните документи и со тоа и неможноста на време граѓаните да ги променат документите“, велат од опозицската партија.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваа дека во Министерството за внатрешни работи се останати уште околу 30.000 обрасци за вадење на лични документи.
Истовремено апелираат до владејачките СДСМ и ДУИ, поради неможноста за промена на над 1,2 милиони пасоши колку што се останати за промена, да го пролонгира рокот за издавање на лични документи.
„Исто така, бараме Уставниот суд во најскоро време да изрече времена мерка за ставање вон сила на одредбите од закнот за патни исправи кој се однесуваат на крајниот рок на промена“, се вели во реакцијата на опозицијата/
Ваквата неспособност на власта на СДС и ДУИ, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните ќе ја казнат многу скоро, на следните избори.