
ВМРО-ДПМНЕ пресмета 60 пратеници ако има парламентарни избори, СДСМ им даде 52
Три дена по првиот круг од локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги анализираат изборните резултати и проценуваат колку пратеници би освоиле доколку утре во земјава се одржат парламентарни избори.
Три дена по првиот круг од локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги анализираат изборните резултати и проценуваат колку пратеници би освоиле доколку утре во земјава се одржат парламентарни избори. Според владејачката ВМРО-ДПМНЕ со добиените 300.000 гласови на локалните избори, на потенцијални парламентарни избори партијата би освоила над 60 пратеници, додека, пак, за СДСМ велат дека во некои изборни единици тие би била трета партија.
„На овие избори, ВМРО-ДПМНЕ освои 12.000 гласа повеќе од 2021 година, додека СДС потона со минус 111.000 гласа. Ова е пораз кој најдобро ја отсликува недовербата на граѓаните во нивните промашени политики, неспособно владеење и неквалитетни кадри. Сега е време оваа голема победа да се заокружи во вториот круг“, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од друга страна, од опозицискиот СДСМ велат дека според добиените гласови на изборите во неделата, доколку сега се одржат парламентарни избори партијата би освоила најмалку 21 пратеник, а ВМРО-ДПМНЕ би паднала на 52 пратеници.
„ВМРО-ДПМНЕ не може да го скрие падот а бројките се јасни и немилосрдни кон нив. Очајните обиди за манипулација се резултат на шокот кој го доживеаја и падот од преку 140.000 гласа кој е јасен сигнал дека нивните лаги и погрешни политики се прочитани.
СДСМ ја продолжува битката за уште 17 општини. Граѓаните масовно да излезат на гласање во вториот круг и да гласаат за кандидатите на СДСМ, докажани и чесни луѓе кои уште во првиот круг јасно докажаа дека имаат што да понудат“, порачаа од опозицијата.
Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК), на првиот круг од локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата освоија 301. 720 гласа, додека коалицијата предводена од СДСМ доби 125.758 гласа. Споредено со претходните два изборни циклуса, ВМРО-ДПМНЕ во неделата освоила околу 135.000 гласа помалку од гласовите за пратеници во мај минатата година, а повеќе од 10.000 гласа за советничките листи во 2021 година. За СДСМ, пак, резултатот од неделата е полош за околу 30.000 гласа споредено со ланските парламентарни избори и за околу 110.000 гласа споредено со изборите во 2021 година.