Ние предлагаме закон со кој ќе се спречи контроверзни имиња да бидат имиња на здруженија на граѓани, да се злоупотребува правото на граѓаните да се здружуваат. Тоа ќе важи и за веќе регистрираните здруженија во моментов во Македонија, такви има две и во најава е уште едно, изјави вечерва потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за „Тема на денот“ во Дневникот на Сител.
Претходно во интервју за бугарските медиуми, а за бугарските здруженија во Македонија и за антибугарското расположение коментираше проф. Ангел Димитров, копретседател на Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски прашања.
-Република Северна Македонија во моментов категорично не се однесува како кандидат за членство во ЕУ. За жал од 2019 година наваму гледамо едно враќање на стандардното пропагандно политичко однесување, што не потсетува на почетокот на 90-тите. Во одредена смисла, дури и на втората половина на 1940-тите, кога Бугарија беше прогласена за непријател на комунистичка Југославија и новооснованата Република Македонија. Аргументите кои сега ги гледаме за тоа до кој степен бугарските здруженија во РСМ се законски или не, почнуваат да потсетуваат на духот на законот за Македонската национална чест. Апсурдни се тврдењата дека бугарските клубови ја навредуваа македонската чест“, рече професорот Димитров. и додаде:
-Зачуден сум од еден неверојатен парадокс: Ако името на Иван Михајлов се смета за противзаконско и навредливо за националните чувства, тогаш треба да се забрани и партијата ВМРО, бидејќи Иван Михајлов е лидер на таа партија. По 1944 година многу Бугари беа прогонувани и убивани дури и под знакот на „вмровисти“; така што постои двоен парадокс: кога државните органи не можат да направат разграничување меѓу организацијата и нејзиниот водач, – од една страна; и обратно – кога самата организација шпекулира со ова име, употребувајќи го сосема легитимно, но проповедајќи сосема друга идеологија и политички намери, вели проф. Димитров за емисијата Брисел 1.