ВМРО-ДПМНЕ по оставките од ДУИ: Да одиме на брзи избори, се друго е играње играчки

Добро е што ДУИ по 20 години власт е подготвена да замине во опозиција од каде ќе може да одговараат за криминалот и да ја докажуваат својата невиност. Вака опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги коментира оставките што денес ги доставија министрите од ДУИ до премиерот Димитар Ковачевски, а би стапиле во сила откако опозицијата ќе ги поддржи уставните измени.

„Откако ДУИ го направи првиот чекор, си поднесоа оставки, сега само тие да бидат неотповикливи и да одиме на брзи избори, бидејќи се друго е одолговлекување и играње играчки на грбот на државата и иднината на граѓаните“, се вели во коментарот на ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно денес, министрите и владините функционери од редовите на Демократската унија за интеграција, поднесоа оставки од функциите во моментов ги извршуваат, но најавија ќе стапат во сила тогаш кога опозицијата ќе гласа за уставни измени.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети во писмо адресирано до премиерот Димитар Ковачевски наведе дека земјата е во критична фаза од европската иднина, а големите одлуки бараат политичка, национална и државна одговорност и жртви, со оглед на барањето на опозицијата дека би гласале за уставните измени доколку Демократската унија за интеграција излезе од Владата.

СДСМ порача дека со оставките исполнети се сите услови на Мицкоски, па сега тој е на потег и одговорноста е кај него.