Кога партиските пазари и суети се вмешаат во здравството, тогаш здравствениот систем е на апарати. Последниот скандал во здравството со разрешувањето на директорот на Клиниката за кардиохирургија покажува дека оваа власт ниту има стратегија, ниту има концепт што да прави во јавното здравство, а за жал нема ниту јасна и унифицирана владина политика, се вели во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
„Напротив, гледаме дека Владата се пазари и препазарува, поткусурувајќи се со принципите на професионалноста и квалитетот во здравството. Против аргументите на министерот излегоа луѓе од фелата, па дури и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, на кој самиот се повикуваше, кои велат дека министерот не ја говори вистината и дека до нив ниту имало претставка, ниту барање од министерот за вонреден инспекциски надзор на Клиниката за кардиохирургија и истото не се случило. Тоа значи дека голема е веројатноста ова разрешување да се случило поради каприц и суета, или поради партиско-политички каприци. Но било што и да е, после ваква скандалозна ситуација во секоја сериозна европска држава премиерот го превоспитува или го менува министерот.
Но во случајов, Ковачевски за сето ова збор нема проговорено и во негов манир се крие и бега, затоа што само ако се осуди да му писне на министерот Меџити, лесно може заедно со директорот на Клиниката за кардиохирургија и тој самиот да лета од Владата како куфер. И додека министерот Меџити и Владата прават кадровски претумбации на сметка на квалитетот и функционалноста на системот, здравството тоне и тоне. Има недостиг на антибиотици, недостиг на лекови и терапија на Клиниката за онкологија, има сериозен недостиг на медицински персонал кој масовно заминува во странство, има затворања на цели одделенија по здравствените установи, пациенти со ретки болести молат за помош, а со СМС пораки се собираат пари за лекување на луѓе, кратко речено, има тотален колапс на системот. Меџити треба да одговори како на толку проблеми во здравството, на толку проблематични клиники и здравствени домови се намерачи токму на Клиниката за кардиохирургија? Ковачевски ништо не го прашуваме, бидејќи ни во Владата не го есапат ни 2%“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.