Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и владејачката СДСМ денеска се „препукуваа“ со соопштенија околу УЈП, и тоа дали Управата санкционира неселективно.
„Изминатите неколку дена УЈП предводено од партискиот кадар на СДСМ, Сања Лукареска врши брутална хајка врз најситните трговци и продавници, додека големите трговци никој не ги контролира.
Под изговорот „контрола“ на маржите се удира врз најситните дуќанџии додека големите трговски субјекти блиски до власта се заштитени како бели мечки.
Тимови составени од партиски кадри влегуваат во ситните маалски продавници и врз строго селективни критериуми, политички селективно изрекуваат казни, и ги товорат со дополнителни трошоци осудувајќи ги на пропаст.
Тие не се задолжени да констатираат крупни неправилности туку да извршат хајка врз тие кои не мислат како власта.
Еден од таквите тимови на УЈП е предводен од Александар Ѓорѓиоски, претседател на младите на СДСМ Прилеп и актуелен советник, вработен во УЈП. Ѓорѓиоски наместо да се соочи со обвинителен акт поради тоа што во време на изборите се закануваше по безбедноста и животот на детето на прилепскиот градоначалник д-р Јовчески, тој дели казни во име на УЈП и затвора маалски дуќани низ градовите Охрид, Битола, Прилеп.
Ваквите политички мотивирани хајки говорат дека институциите се киднапирани, но и дека власта губи контрола соочени со драстично малата поддршка и револтот на народот поради неспособната влада“ соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Следуваше одговор од СДСМ:
„Управата за јавни приходи како и сите останати институции дејствува според законите и постапува неселективно и ефикасно.
Преку редовните контроли на УЈП се штити стандардот на граѓаните од субјекти кои преку непочитување на законите сакаат да профитираат во време на криза.
Ако роднина на сопруга на функциониер од ВМРО-ДПМНЕ не го почитувала законот не може да се брани со партиски соопштенија и да се прават конструктиции.
Делувањето на УЈП е да се спречат манипулации со цените врз грбот на граѓаните среде криза. И додека УЈП делува по закон и за сите подеднакво, ВМРО ДПМНЕ не штити прекршувачи на законите“.