СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ најдоа нов мегдан за препукување. Станува збор за германската резолуција за поддршка на македонската европерспектива. СДСМ со соопштение удри по ВМРО-ДПМНЕ и Милошоски дека не направиле ништо за пратениците од нивната сестринска партија во Бундестагот да гласаат за резолуцијата.
– ВМРО-ДПМНЕ и Милошоски треба да се засрамат за тоа. Особено што нивни сестрински партии во Бундестагот гласаа против резолуцијата за потврда на македонскиот јазик, култура и посебност. Зошто ВМРО-ДПМНЕ не лобирала кај своите партии за поддршка е прашање кое им го должат на македонските граѓани. – велат од СДСМ.
За разлика од СДСМ пак опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека заслугата за германската резолуција е нивна. Членот на извршниот комитет Антонио Милошоски во медиумски настап утрово вели:
– Втората причина за носење на резолуцијата е индиректно реакцијата на вмро-дпмне, која уште од 2017 година упорно нагласува дека со потпишувањето на така фаличниот договор за добрососедство и таа несреќна формулација „заедничка историја“ се загрозува токму онаа ахилова пета која што бугарија ја напаѓа кон македонија во изминативе 50 или 60 години. – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
И додека власта и опозицијата се препукуваат по чија заслуга германскиот парламент ја донесе оваа резолуција, се огласи и бугарскиот европратеник Андреј Ковачев кој ја нарече „чуден феномен“.
– Чудниот феномен е што тие се молат кај друга држава со одлука во парламентот да признае дека постојат македонскиот јазик, култура и идентитет. Не сум слушнал за друг сличен феномен на нашата планета, една држава да биде толку несигурна во својот идентитет, јазик и култура.- рече Ковачев.
Ковачев, поврзано за резолуцијата, ги поздрави германските партии што не гласаа за резолуцијата на синоќешната седница.