ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се во водство пред СДСМ, покажува анкетата на ИПИС

Анкетата на Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) покажала дека ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски имаат најголема поддршка од македонските граѓани пред претстојните парламентарни избори.

Анкетата на ИПИС го спроведе од 25 до 27 октомври на 1.055 полнолетни испитаници во Македонија. Во истражувањето граѓаните ги изразуваа своите ставови за нивната поддршка за политичките партии и политичари, како и за одредени актуелни прашања.

Од одговорите на испитаниците може да се заклучи дека речиси 50 отсто од граѓаните сѐ уште не одлучиле за кого ќе гласаат и одговориле со не знам, не сакам да кажам или нема да гласам. За ВМРО-ДПМНЕ би гласале 20,3 % од испитаниците, а за СДСМ 11,3%.

Кај албанскиот политички блок, најавената опозициска коалиција меѓу Алтернатива, Беса и Демократско движење за првпат во истражувањата на јавното мислење заедно имаат речиси еднаков рејтинг со ДУИ.

Кај политичките лидери убедливо е водството на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски (16,5%), пред Али Ахмети, претседателот на ДУИ (6,1%) и Димитар Ковачевски, претседателот на СДСМ (5,6%). Од лидерите на помалите политички партии се појавуваат имињата и на Максим Димитриевски, претседателот на ЗНАМ (3,9%), и на Димитар Апасиев, претседателот на Левица (3,8%).

Убедливо е мнозинството од граѓаните што сметаат дека парламентарните и претседателските избори наредната година треба да се одржат заедно – 66,6 отсто од испитаниците.