ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе настапи на изборите во четирите општини – дополнително ќе одлучи како

Мицкоски истакна дека минатиот викенд одржал состанок со партиската правна комисија и оти се подготвуваат сите оние неопходни документи, кои се потребни согласно законските норми, но за настапот дополнително ќе одлучат.

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе настапат на претстојните избори во четирите општини кои не успеаја да изберат градоначалник на 19 октомври, поради тоа што немаше доволен одѕив на гласањето. Премиерот Христијан Мицкоски и претседател на партијата денеска одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе настапат на тие избори истакна дека минатиот викенд одржал состанок со партиската правна комисија и оти се подготвуваат сите оние неопходни документи, кои се потребни согласно законските норми, но за настапот дополнително ќе одлучат.

– На 6 декември имаме Конгрес, редовен, фокусирани сме на тоа. Но, тоа што знам е дека се подготвуваме и за тие избори, веќе оној формален дел е започнат. Изминатиот викенд веќе имав состанок со правната комисија на партијата, се подготвуваат сите оние неопходни документи согласно законите. Така што, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе настапат на тие избори, а во која форма дополнително ќе одлучуваме, рече Мицкоски пред почетокот на Националниот форум – саем на граѓански организации „Соработка помеѓу Владата и граѓанското општество“.

Во однос на тоа дали ќе има предвремени избори, Мицкоски нагласи дека следната, 2026 година ќе биде предизвикувачка.

– Дали ќе има избори понатаму, јас апсолутно во моето воведно излагање денеска кажав дека следната година 2026 ќе биде предизвикувачка година. Треба да се обезбедат повеќе од 2,2 милијарди евра да се вратат долговите од минатото. Доколку ние би формирале техничка влада, таа има лимитирани маневарски способности и ќе биде многу тешко да го продолжиме овој тренд којшто го имаме оваа година и втората половина од претходната година, посебно во делот на економијата, рече Мицкоски.

Тој додаде дека кога би размислувал политички и тесно партиски во нивни интерес е напролет да има предвремени парламентарни избори.

– Но, ние сакаме да размислуваме државнички и во таа насока да се однесуваме. Интересот на граѓаните е подобра економија, подобри услови за живот и во рамките на можностите со коишто располагаме се трудиме секој ден тоа да го сработиме. Така што, некогаш успеваме, некогаш не успеваме, таков е животот. Но, во суштина тоа е моментално нашиот фокус. Ќе се задржам на онаа реплика што некогаш ја користам, во политиката никогаш не вели никогаш, но шансите за такво нешто се многу мали, нагласи премиерот.

На 11 јануари ќе се одржат повторните избори за градоначалник во Општините Гостивар, Маврово и Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа.

Владата вчера именуваше повереници за општините Маврово Ростуше, Гостивар, Центар Жупа и Врапчиште. Онер Јакупоски е именуван за повереник за Општина Маврово Ростуше, Аријан Ибраим за повереник за Центар Жупа, Буњамин Кадриу за Врапчиште и Фадил Џелили за Гостивар.