ВМРО-ДПМНЕ: Злосторничко здружение во аферата „Броило“ околу Ковачевски влегло во бизниси од 26 милиони евра

Злосторничко здружение во аферата „Броило“ околу Ковачевски влегло во бизниси од 26 милиони евра откако е СДС на власт, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Дезертерот Ковачевски ја основа „Пиксел Груп“, заедно со неговиот кум Паунов, 5 месеци откако СДС доаѓа на власт во 2017 година. За само една година тие прават фабрика во Кочани за производство на фотоволтаични панели. Преку разни државни тендери фирмата на кумот на Ковачевски зема тендери во вредност од 2 милиони евра, а во периодот кога Ковачевски е заменик министер за финансии, фирмата на кумот прави договор со ЕВН во вредност од над 2 милиони евра“, се наведува во соопштението од оваа партија.

Целиот начин на функционирање на соларниот картел, според нив, е како на злосторничко здружение.

„Фирмата основана од Ковачевски влегува во инвестиција во фабрика во ТИРЗ Тетово, заедно со ново формирана бугарска фирма, 8 месеци откако Ковачевски станува премиер. Инвестицијата во Тетово е во висина од 54 милиони евра, а според учеството во уделите, делот кој „Пиксел Груп“ треба да го инвестира е скоро 22 милиони евра“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.