ВМРО-ДПМНЕ во моментов успешно консолидира 61 пратеник, разговорите со потенцијалните идни коалициски партнери како што е коалицијата „Вреди“, продолжуваат, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
„Па да, можам да кажам дека како ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ‘Твоја Македонија’ ги завршуваме разговорите со неколку од пратениците коишто не се дел од коалицијата, и можам да кажам дека во моментот успешно консолидиравме 61 пратеник. Не можам да зборувам во однос на деталите, но многу скоро од денеска ќе ги дознаете деталите имајќи предвид дека состојбата е чувствителна. Како коалиција во парламентот покрај 58 пратеници коишто ги има автентично самата коалиција и очекуваме одлука на управниот суд да видиме што ќе се случува со изборната единица 5 и 6, можам со задоволство да кажам дека имаме консолидирано точно 61 пратеник, но тоа нема да нè повлече од разговорите со идните потенцијални коалициони партнери како што е коалицијата ‘Вреди’“, истакна Мицкоски.
Работните групи што ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на опозициските партии на Албанците „Вреди“, кои договорија да ги водат преговорите за коалицирање за составот на идната влада, попладнево ја одржаа нивната прва средба.
Работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ на прва средба од разговорите за формирање владина коалиција
Како што рече Мицкоски, разговорите се воделе во правилна насока, но не откри детали.
„Разговорите, според тоа што ме информираа, е дека се водат во правилна насока. Оптимисти сме дека заедно со коалициските партнери ќе успееме да консолидираме две третини во парламентот заради намерата да се реконструира владиниот кабинет“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.