„Власта на Ковачевски бесрамно ги лажеше граѓаните дека историските прашања и теми не се дел од пристапниот процес на Македонија кон ЕУ. И како за многу работи така и за ова излажаа без око да им трепне. Прво Ковачевски на 30 јуни убедуваше дека „Историските прашања не се дел од преговарачката рамка и тоа е содржано во овој предлог-документ(францускиот предлог)“. По него и министерот Османи на 2 јули излажа „Лага е дека историските и билатералните прашања се влезени во францускиот предлог“. Но, вистината е дека токму овие двајца излажаа, а по нив и сите останати функционери од СДСМ и ДУИ. Лажеа-сушеа се дури не дојде денот да се дознае вистината, за жал болна и тешка за Македонија. Историските прашања за жал се предмет на договарања и оваа власт за жал е страната која распродава историски личности и настани“ обвинуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Историската комисија пред два дена објави пакет одлуки со кои неколку историски личности, Цар Самоил, Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски се поврзуваат со средновековната бугарска држава, а дополнително за Македонија се предвидува минимализирање на конекциите со антиката на сметка на зголемено изучување на античките Дарданци и Тракијци. Со ова безмалку целата средновековна историја на Македонија се поврза со средновековна Бугарија. Како тргнале Ковачевски и СДСМ во исполнување на бугарските желби за една година ќе ја ретушираат целата историја, па ќе остане после и нивните лични биографии да ги прилагодуваат на бугарските барања“ се вели во партиското соопштение.
Оттаму порачуваат: „Срамно и бедно. Оваа власт ја доведе Македонија во подредена положба. Оваа власт ги исплука сите оние кои се жртвуваа во нејзинито градење. Очигледно Ковачевски со Заев е во тесна трка кој е поверен следбеник на бугарскиот живковизам“.