
ВМРО-ДПМНЕ без свој кандидат за градоначалник на Кочани, ќе даде поддршка за Влатко Грозданов
За Кисела Вода, кандидат за градоначалник е Бети Стаменковска-Трајковска, а за Кочани, како што беше соопштено вечерва, ВМРО-ДПМНЕ ќе се обедини околу натпартискиот кандидат доктор Влатко Грозданов.
ВМРО-ДПМНЕ вечерва ги објави кандидатите за градоначалници за уште шест општини. За Кисела Вода, кандидат за градоначалник е Бети Стаменковска-Трајковска, а за Кочани, како што беше соопштено вечерва, ВМРО-ДПМНЕ ќе се обедини околу натпартискиот кандидат доктор Влатко Грозданов.
За Старо Нагоричане, кандидат за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде Мирослав Славковски, за Дојран – Илија Пендов, за Долнени – Сашко Велјановски и за Ранковце – Даниел Павловски.
Марија Митева, член на Извршниот Комитет на партија вечерва изјави дека сите кандидати за градоначалници се избрани на транспарентен начин и дека убедливо воделе на сите внатрепартиски анализи.
– ВМРО-ДПМНЕ е подготвено за локалните избори како никогаш досега. Сите кандидати се избрани на транспарентен процес. Секој е чесен, познат и почитуван од средината во која живее. Тие се луѓе кои имаа енергија за работа и се псоветени за развој на општините, рече Митева на прес-конференција по седницата на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.