ВЛЕН прави пратеничка група без пратениците на Таравари

Беким Ќоку ќе биде новиот координатор на пратеничката група на ВЛЕН со која досега раководеше Халил Снопче од Алијанса за Албанците на Арбен Таравари.

Беким Ќоку ќе биде новиот координатор на пратеничката група на ВЛЕН со која досега раководеше Халил Снопче од Алијанса за Албанците на Арбен Таравари, најавил за „Слободен печат“ висок функционер на ВЛЕН. Со тоа расколот во ВЛЕН веќе се рефлектира и во Собранието и очекувањата се дека ќе се формира нова пратеничка група на АА на Таравари.

Засега нема информација кога ВЛЕН формално ќе го извести претседателот на Собранието Африм Гаши за промена на шефот на пратеничката група. Ќоку е независен пратеник од Самоопределување кој на изборите настапи со коалицијата ВЛЕН, а по расколот остана во друштво на Изет Меџити, Билал Касами и Зеќирија Ибрахими.

Актуелниот координатор на ВЛЕН, Снопче, вели дека тој уште е шеф на пратеничката група на ВЛЕН и дека за каква било промена чекаат потег од доскорешните партнери на коалицијата.