„ВЛЕН“ и официјално ќе делува како еден политички субјект

Коалицијата „ВЛЕН“ најави мораториум на сите јавни политички активности на партиите што ја сочинуваат и соопшти дека отсега ќе делува како еден политички субјект.

Коалицијата „ВЛЕН“ најави мораториум на сите јавни политички активности на партиите што ја сочинуваат и соопшти дека отсега ќе делува како еден политички субјект.

Претседателството кое вечерва ја одржа првата средба, е првиот заеднички орган на „ВЛЕН“.

Како што изјави лидерот на Движењето Беса, Биљал Касами, на следните средби на „ВЛЕН“ ќе бидат конституирани и другите органи на раководството.

-Претседателството на „ВЛЕН“ е првиот заеднички орган на „ВЛЕН“. Од сега натаму „ВЛЕН“ најавува мораториум на јавни политички активности на партиите што го сочинуваат и од сега натаму се ќе биде под името и логото на „ВЛЕН“. На следните средби „ВЛЕН“ ќе ги конституира и другите органи на раководството како штабовите, локалните и централниот изборен штаб, истакна Касами.

Тој напомена и дека парламентарната група на „ВЛЕН“ ќе продолжи со пратениците што ќе ја поддржат.

Првата средба на претседателството на „ВЛЕН“ се одржа во просториите на „Алтернатива“ во Скопје и на неа, покрај Касами, присуствуваа и Изет Меџити од Демократско движење, Зеќирија Ибрахими од Алтернатива и независниот пратеник од Самоопределување Беким Ќоку.

Пред средбата Меџити уште еднаш рече дека Владата е стабилна и дека нема потреба од предвремени парламентарни избори. Интензивно течат, дополни, подготовките за локалните избори во октомври на кои Вреди, освен со партиски, ќе настапи и со независни кандидати за советници или градоначалници, граѓани кои се професионалци во својата област.